Хаосот во светот предизвикан од COVID-19, инспирација за еден поштар

По појавата на коронавирусот текот и начинот на живот се променија низ целиот свет. Некои земји беа во тотален колапс, а делови од нив беа и во целосен карантин, но доставувачите на поштите минувајќи низ празните улици, постојано беа и се’ уште се во движење.

Како резултат на мерките за ограничување на движењето на луѓето со цел избегнување на опасноста од евентуално пренесување на коронавирусот, се јавува зголемена потреба од достава на храна, лекови или други намирници, при што доставувачите се изложени на ризик да се заразат од вирусот.

Во овие исклучително тешки моменти предизвикани од COVID-19 пандемијата, постојат луѓе кои се вистинска позитива и инспирација, со нивниот ведар дух, оптимизам и позитивна енергија.

Поштар кој се претставува под името MC Reen објави песна за да ги охрабри луѓето да останат силни за време на појавата на коронавирусот.

Триесет и тригодишниот Омар Аладин-Гафур од Ворчестер Парк, Лондон, бил охрабрен од неговите две ќерки да ја сними песната со цел да го подигне духот на луѓето за време на кризата предизвикана од пандемијата што го потресе целиот свет.

Омар вели дека со песната сакал да се оддолжи на својата заедница, откако двајца задоволни клиенти на кои им доставувал пошта му дале подароци како возврат за неговата работа.

Неговото видео ја нагласува важноста на клучните работници и волонтерите кои им помагаат на ранливите категории за време на избувнувањето на заразата.

Инспирацијата на Омар за видеото доаѓа и како резултат на неговата загриженост за постарите лица кои се останати сами во излолација, откако карантинот го спречил да ја види својата мајка на нејзинот 73-ти роденден.

Во изјава за еден од лондонските медиуми Омар вели: “Од витална важност е да го задржиме нашиот дух на високо ниво во овие ужасни времиња, затоа што постојат луѓе кои се оставени сами на себе“.

„Навистина е важно сите ние да сториме по нешто за да и помогнеме на заедницата. Постојано ги прашувам постарите луѓе во моето опкружување дали им треба нешто, бидејќи јас ќе бидам повеќе од среќен ако можам да им помогнам. Како поштар, гледам многу работи што се одвиваат кога сум на должност, како што е непочитувањето на правилото за одалеченост од два метри. Сакав да пишувам и за тоа. Сакам и да им кажам благодарам на клучните работници за време на оваа пандемија, бидејќи тие се важни како и секогаш досега. Сакав да испратам порака за сите да знаат дека сите сме заедно во ова и ако сите заедно се трудиме, можеме да се ослободиме од овој вирус побрзо, во спротивно ќе ја продолжиме неговата агонија“, додава поштарот Омар.

Поштарите имаат витална улога во општеството и се сметаат за суштински работници во време на оваа пандемија предизвикана од вирусот COVID-19.