Препораки за превенција до нашите клиенти: Како да го отворите и исчистите доставениот пакет за време на пандемијата од COVID-19

Дел од она што ја прави пандемијата на коронавирусот застрашувачка e фактот како многу дневни рутини се целосно променети, дури и за оние луѓе кои се здрави и безбедни. Постојат работи на кои не сме им давале големо значење, за да сега воочиме дека на нив треба да им се посвети дополнително внимание.

Една од тие работи е и примањето на пратки.

Без разлика дали станува збор за испорака на храна или нешто нарачано од онлајн продавница за облека, чевли, накит и слично, тие пакети биле складирани на различни локации и минале низ многу раце пред да пристигнат на Вашиот праг.

Доставувачите – куририте на поштите со зголемувањето на онлајн купувањето работат се’ повеќе, а многу од рестораните што се затворени нудат онлајн достава, како начин да ги надополнат своите изгубени приходи. Исто така многу љубезни луѓе преземаат иницијатива да им помогнат на своите соседи кои не можат да ги напуштат своите домови, доставувајќи им намирници, лекови и други неопходни работи.

Како можете безбедно и одговорно да примите пакет во ова време со препораки за социјално дистанцирање? Еве неколку совети.

Побарајте бесконтактна достава

За среќа, доставувачите може да ги оставаат Вашите нарачани пакети на Вашиот праг без да комуницираат со Вас. Повеќето доставувачи на храна веќе го прават тоа, со што стана секојдневна пракса. Според епидемиологот Стивен Морс, ризикот од пренесување на вирусот преку храна е многу мал, но сепак треба да ги миете рацете по отворањето на амбалажата во која е спакувана храната.

Доколку нарачувате нешто и сакате тоа да Ви биде доставено преку бесконтактна достава нагласете да Ви го остават пакетот на вратата и да Ве известат дека пристигнале, објаснете зошто го барате тоа и не го земајте пакетот додека не си замине доставувачот.

Отворете го пакетот надвор, пред вашата врата

Вирусот може да живее на различни површини, но една нова студија покажа дека вирусот побрзо се распаѓа на картон, за разлика од пластика или челик. Тоа значи дека постои многу мала веројатност испораките во картонски кутии да ја шират заразата.

Веднаш фрлете ја амбалажата/пакетот во кој е испратена вашата нарачка

Откако ќе ги извадите работите од кутијата или вреќата во која биле испорачани, фрлете ја амбалажата бидејќи поминала низ рацете на многу лица пред да стигне на Вашиот праг. Потоа, санитизирајте ги површините во Вашиот дом каде допрела амбалажата.

Заблагодарете му се на Вашиот курир

Доколку не користите бесконтактна достава, почитувајте го препорачаното социјално растојание од два метра кога го подигнувате пакетот и заблагодарете му се на курирот бидејќи тој е изложен на голем ризик при испораката на пратки.

Измијте ги рацете

Знаеме дека досега сте го чуле ова приближно десет милиони пати, но сепак продолжете да ги миете рацете. Измијте ги пред и по превземањето на испорачаниот пакет, а миењето нека трае најмалку 20 секунди. Миењето на раце е една од основните превентивни мерки за заштита од пандемијата на коронавирусот.